Над милион евра платени за поправки на вагони и возови за кои нема доказ дека парите завршиле на вистинското место, локомотиви купени на лизинг кој не се отплаќа редовно, поделени илјадници евра аванси. Ова се само дел од неправилностите во работењето на акционерското друштво „Македонски железници - Транспорт“ што ги утврди Државниот завод за ревизија во најновиот извештај. Ревизорите го проверуваа работењето на акционерското друштво за 2010 година, во која први луѓе на „Македонски железници-Транспорт“ беа Благоја Kрстевски и Оливер Деркоски. Ова претпријатие е едно од двете што се формираа со трансформацијата на „Македонски железници“. Kонтролата на ревизијата покажала дека претпријатието платило околу 515.000 евра за поправка на товарни вагони.
Над милион евра платени за поправки на вагони и возови за кои нема доказ дека парите завршиле на вистинското место, локомотиви купени на лизинг кој не се отплаќа редовно, поделени илјадници евра аванси.
Ова се само дел од неправилностите во работењето на акционерското друштво „Македонски железници - Транспорт“ што ги утврди Државниот завод за ревизија во најновиот извештај.
Ревизорите го проверуваа работењето на акционерското друштво за 2010 година, во која први луѓе на „Македонски железници-Транспорт“ беа Благоја Kрстевски и Оливер Деркоски. Ова претпријатие е едно од двете што се формираа со трансформацијата на „Македонски железници“.
Kонтролата на ревизијата покажала дека претпријатието платило околу 515.000 евра за поправка на товарни вагони. Но не се знае дали парите навистина биле потрошени за таа намена бидејќи на фактурите немало број на поправените вагони, раководното лице не потпишало барање за поправка, а не била распишана ниту јавна набавка. Фактурата за плаќање воопшто не била потпишана од одговорното лице. Во истиот период биле потрошени околу 202.000 евра за поправка на дизел-моторен воз, но ни за тоа нема релевантни документи кои докажуваат дека парите завршиле на вистинското место и за вистинската намена. За ревизорите е спорно тоа што по извршената контрола на поправениот воз, одговорните лица утврдиле дека има многу неправилности во однос на количините, цените на материјалите и работите. Но, и покрај тоа, цената за поправката останала иста.
Во текот на 2009 и 2010 година биле платени околу 331.000 евра за поправање патнички вагони. На некои од фактурите, кои не биле потпишани од раководно лице, сумите биле избришани со коректор и преправани.
Проверувајќи ја документацијата, ревизорите констатирале дека „Македонски железници-Транспорт“ во барањето дозвола за вршење јавен превоз нема доставено доказ дека е финансиски способно да ја надомести штетата во евентуални несреќи. Односно да им исплати отштета на повредени патници за изгубен или оштетен багаж, товар, поштенски пратки. Освен што нема доказ за финансиите, друштвото нема обезбедено ни сертификат за сигурност. Според ревизорите, било поднесено барање за ваков сертификат во 2011 година, но до завршувањето на ревизијата „Транспорт“ не го добило.
- Тоа може да предизвика зголемување на ризикот од безбедно извршување на железничкиот сообраќај. Во случај на несреќа, ако претпријатието не е способно да ја надомести штетата, може да го изгуби капиталот - пишува во ревизорскиот извештај.
Акционерското друштво исплатило околу половина милион евра аванси за одржување на возовите. Но најголемиот дел од авансите бил за неколку стотици илјади евра повисок од договорените услуги.
Поранешното јавно претпријатие „Македонски железници“ во 2000 и во 2001 година на лизинг набавило патнички вагони и електрични локомотиви вредни 1,3 милион евра. Според договорот, тие требало да се отплатат до 2008 година и да преминат во сопственост на претпријатието. Но бидејќи „Железници“ нередовно ги плаќало ратите и до крајниот рок вагоните не биле исплатени, Швајцарците може да си ги земат и вагоните и локомотивите.
Ревизорите имаат забелешки и на прикажаните 8,3 милиони евра трошоци за користење железничка инфраструктура, но за тоа во сметководството не постојат релевантни документи кои ќе потврдат дека тие услуги биле извршени.